Можните проблеми со испораките на руската нафта ги кренаа цените кон 81 долар

Цените на нафтата се зголемија до 81 долар на меѓународните пазари во средата, како одраз на нервозата на трговците поради знаците за проблеми со испораките на руската нафта под притисок од новиот пакет американски санкции.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше за 92 центи повисока од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 80,84 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 1,31 долари повисока цена од вчера, по 78,81 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави дека барелот од референтнаа кошничка нафта на нејзините членки во вторникот поевтинил за 47 центи на 81,25 долари.

Од почетокот на седмицага трговците се обидуваат да проценат како американските санкции за рускиот нафтен сектор ќе влијаат на понудата. Министерството за финансии на САД минатиот петок воведе санкции за руските нафтени компании „Газпромњефт и „Сургутњефтегаз“ и 183 танкери. Цел се и трговците, осигурителите и транспортерите на руска нафта.

Новиот пакет санкции може значително да го наруши снабдувањето и дистрибуцијата на руската нафта, предупреди Меѓународната агенција за енергетика (IEA) во месечниот извештај, додавајќи дека „не е познато до кој степен тие на крајот ќе влијаат на пазарот на нафта и пристапот до испораките од Русија“.

„Останува клучното прашање колку руски барели ќе исчезнат од глобалниот пазар и дали може да се заменат со нафта од други добавувачи“, вели стратегот за пазаите во IG, Јеап Јун Ронг.

Во вторникот преовладаа шпекулациите дека влијанието на санкциите на физичкиот пазар може да биде поблаго од претходно проценето. Новите санкции би можеле да го намалат овогодинешниот очекуваниот вишок на снабдување од 700.000 барели дневно на нула, проценува ING, но падот најверојатно ќе биде поумерен бидејќи Русија и купувачите успеваат да ги заобиколат санкциите, напишаа тие во белешката.

Во средата шпекулациите се префрлија на проблеми со испораката.

„Изгледа дека танкерите што превезуваат руска нафта имаат проблеми со истоварот низ светот, што може да предизвика краткорочни прекини“, рече Ронг.

Цените беа поддржани и од падот на залихите во САД за 2,6 милиони барели минатата седмица, според извори запознаени со извештајот на API.

Залихите на бензин пораснале за 5,4 милиони барели, а залихите на дестилати за 4,88 милиони барели, додаваат изворите, цитирајќи го извештајот на API. Министерството за енергетика ќе ги објави податоците во текот на денот.