Можно е надувување на цените на акциите поврзани со вештачката интелигенција, предупреди ECB

Концентрацијата на капиталот на пазарите на акциите на неколку компании поврзани со вештачката интелигенција би можела вештачки да ги надува цените, предупреди Европската централна банка (ECB), нагласувајќи го јазот меѓу зголемените заштеди на домаќинствата и нивната финансиска издржливост.

Инвеститорите на пазарите на акции, особено во Соединетите држави, сѐ повеќе се концентрираат на неколку компании кои се здобија со статус на победници во бумот на вештачката интелигенција, се вели во извештајот на ECB.

Концентрацијата на капитализација во група големи компании е загрижувачка, бидејќи може да резултира со создавање „балон“ на цените на средствата поврзани со вештачката интелигенција, предупредуваат од банката.

Глобалните пазари на капитал се во голема мера интегрирани, така што остриот пад на цените на акциите на компаниите поврзани со вештачката интелигенција, доколку не се исполнат очекувањата на инвеститорите за нивните добри резултати, би имало негативно влијание и врз другите земји, објаснуваат од ECB.

Во такви услови, поголеми се шансите „непријатните изненадувања“, како што се нагло влошување на изгледите за економски раст и промените во очекувањата за трендовите во монетарната политика и заострувањето на тековните геополитички конфликти, да предизвикаат суштински промени во расположението на инвеститори, а резултатот може да биде прелевање на негативните трендови на сите категории на средства.

Инвеститорите во моментов бараат ниска премија за купување акции и обврзници, а фондовите ги намалија резервите во готовина, забележува централната монетарна институција на еврозоната.

Концентрацијата на одредени акции и големата разлика во ликвидноста може, покрај долгот на „неформалниот“ финансиски сектор, дополнително да ги влоши проблемите, додаваат тие.

Меѓу другите ризици, ECB ја посочи ранливоста на еврозоната од фрагментација на трговијата и очекуваните значително повисоки трошоци за задолжување на поединечни членки, како Италија и Франција, за што, според нив, ќе биде потребна „разумна“ фискална политика.

Домаќинствата, од друга страна, се поотпорни благодарение на зголемените заштеди, додава ECB.

„Солидното вработување и растот на платите го поддржаа капацитетот за сервисирање на долгот на домаќинствата во еврозоната, иако имаше знаци на слабеење на побарувачката на работна сила“, се вели во извештајот.

Поизразената тенденција на домаќинствата да штедат може да го кочи економскиот раст, а анкетите упатуваат на заклучок дека трендот може да продолжи, заклучуваат тие.