Можно одлагање на претседателските избори во Австрија поради гласачките ливчиња

Министерот за внатрешни работи на Австрија, Волфганг Соботка изјави денеска дека се проверува можноста за одлагање на претседателските избори закажани за 2 октомври поради проблеми со гласачките ливчиња.

Соботка рече дека може само да им се извини на граѓаните поради технички проблеми.

Министерството укажува дека нема место за спекулации откако изминатите денови беа пронајдени голем број оштетени коверти во кои се ставаат гласачките ливчиња. Имено, печатницата направила грешки при производството – лепакот не е ефикасен и ковертот може да се одлепи. Тоа би значело поништен глас кој бил испратен преку пошта. Досега се пронајдени околу 500 несоодветно произведени коверти.