Предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители обезбедува високи критериуми, систем на ревизија, обезбедува транспарентност и јавност, и се очекува да се создадат судии и обвинители со висок интегритет, велат од Министерството за правда во денешното соопштение во врска со искажаните невистини од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илијоски.
Како за вовед, Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, како што стои во соопштението, беше објавен на Единствениот национален електронски регистар уште пролетта, а беше изготвен од стручна работна група составена од професори, судии и јавни обвинители.
Предложените законски решенија, членовите на работната група ги оценија како основ за избор на најквалитетните и најстручните кадри кои треба да го подигнат нарушениот углед на судството и јавното обвинителство.
Во соопштението од Мнистерството за правда посочувбаат дека пратеникот Илијоски критикува решение кое го гласал – кога било предложено од ВМРО-ДПМНЕ.
– Најпрвин, претставник на Министерството за правда предложен од министерот во Комисијата за прием и завршен испит е непроменето законско решение – односно истото е предвидено во постоечкиот закон донесен од ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година. Улогата на Министерството за правда со еден претставник во седумчлена комисија каде останатите членови се судии и јавни обвинители е минорна, и е само во функција на одговорноста на Министерството за правда за надзор на примена на одредбите од законот, се наведува во соопштението.
Второ, како што посочуваат од Министерството за правда, квалификацискиот тест кој е еден од четирите тестови кој е од приемниот испит, со постоечкиот закон се смета за положен со 40,5 бодови. Со новото законско решение, овој праг значително се зголемува, што несомнено ќе придонесе кон избор на квалитетни судии и јавни обвинители.
– Трето, познавањето на англискиот јазик сега нема да се докажува само со приложување на меѓународен сертификат, туку со полагање на електронски тест изготвен од професори. Причина за воведување на оваа измена е токму скандалот кога беа откриени фалсификувани дипломи за познавање на странски јазик, се додава во соопштението.
Што се однесува до укинувањето на рангирањето согласно постигнатата оцена на факултетските студии, како што велат од Министерството за правда, истото се укина по препорака на експерти на Европската комисија, заради бројните правни факултети во државата, невоедначена студиска програма и високата и нереална проодност на факултетите.
-Небулоза е дека се злоупотребува европското знаменеце бидејќи токму овој закон се усогласува со препораки на оценска мисија на Европската комисија за судии и јавни обвинители, истакнуваат од Министерство за правда.