Преподобен Јован Ветхопешчерник
Се подвизуваше во т.н. Ветха Пешчера или Лавра на Харитон Велики во Палестина. Бидејќи со сето срце, со сиот ум, со целата своја душа Го возљуби Христа, од младоста почна да патува по Светите места и да ги слуша поуките и советите на светите луѓе. Најпосле се насели во Харитоновата пештера, каде што се предаде на тврд подвиг минувајќи ги деновите и годините во пост, молитва и бдеење, непрестајно помислувајќи на смртта и учејќи се на смирение. Смртта го најде како добро созреан плод и го внесе во Рајот. Поживеа и се упокои во 8 век.
Тропар
Со поглед кон Небесата подигнат, свети Јоване преподобен, душата твоја се напои со благодат врз благодат, трудот и воздржанието ги умртвија страстите на човечкото тело, земен ангел постанувајќи, на Бога Му угоди, Кој не ги презре твоите молитви, затоа и сега за нас застапи се пред Оној Кој мирот Свој тебе ти го подари.
Светите маченици Христофор, Теона и Антонин
Тројцата беа млади офицери кај царот Диоклецијан. Кога беше мачен Светиот великомаченик Георгиј, тие ги гледаа неговите маки и чудата што се извршија при тој настан. Кога го видоа сето тоа, излегоа пред царот и храбро го исповедаа името на Господ Исус. За ова беа подложени на големи маки и најпосле фрлени во оган, каде им изгореа телата, а душите им заминаа во вечната радост на Господ. Пострадаа чесно во Никомидија во 303 година.
Свети Трифун патријарх Цариградски
Тропар
Смирението твое, свети Трифуне, ја понижи верата на оние кои дела немаат, и Христа Го прослави и посведочи, но не со мастило и хартија која бессилна стана, туку со благочестието на твојата преподобна глава. Сега за нас застапи се пред Бога, да го раскине списокот на нашите прегрешенија.
Преподобниот маченик Агатангел
Од Тракија. Служеше кај Турците и тие насилно го потурчија во Смирна. Како покајник се замонаши во манастирот Есфигмен на Света Гора. Мачен од совеста посака со својата крв да си го измие гревот. Отиде во Смирна и таму им ги покажа на Турците крстот и иконата на Христовото Воскресение. Го убија на 19 април 1819 година, во деветнаесеттата година од неговиот живот. По смртта му се јави жив на својот духовник Герман.
Тропар
Велик си ти, Агатангеле, затоа што големо е твоето покајание пред Господа, кое ја смири совеста, од оган обвинувачки запалена, и мир не даде на душата Твоја, додека не те приведе во крајно мачеништво. А Он, Пресветиот, ја прими твојата тежина и прости на возљубениот покајник. Затоа, денес, и постојано повикуваме: Господи, спаси и помилуј, по молитвите на Агатангел свети, кого Љубовта Твоја го приведе.
Преподобен Симеон Босиот
Се подвизуваше на Света Гора и кратко време беше игумен на Филотејскиот манастир. Ги утврдуваше христијаните во верата и во многу балкански краишта се прослави со чудотворство. Одеше бос и затоа го нарекоа Босиот. Се упокои во Цариград.
Тропар
Зборовите твои напоени од благодатта Христова, стигнаа до оние кои утеха бараат, утврдувајќи ги во верата и закрепнувајќи ги во неволјите, а ти Патот следејќи Го земјата едвај ја допираше, непрестајно Бога славејќи Го, Кој при Себе примајќи те, благослови за нас да се молиш пред Милоста Која простува.
Блажена Матрона Московска
Блажената Матрона била родена во 1881 година, во селото Себино, Епифанска околија (во Кимовскиот регион), односно во Тулската губернија. Нејзините родители биле сиромашни селани, благочестиви луѓе. Господ ја избрал Матрона за посебна служба; токму затоа од самиот почеток ? дал тежок крст (се родила слепа), кој таа со покорност и трпение го носела целиот свој овоземен живот. При Крштението девојчето добило име Матрона во чест на преподобна Матрона Цариградска, подвижничка од 5 век. Матрона буквално пораснала во црква – редовно одела на богослужби секогаш кога била во можност. Уште од седум-осум години го здобила дарот на духовно расудување, проѕорливост и чудотворство. По нејзините молитви луѓето добивале исцеление од болестите и утеха во маките. Затоа имала многу посетители. Доаѓале неподвижни и луѓе во колички, како од блиските села така и од подалечните краишта. Во седумнаесеттата година Матрона не можела повеќе да оди: одеднаш ? се парализирале нозете. Самата укажала на духовната причина за болеста: „Таква била Божјата волја“. До крајот на својот овоземен живот проживеала во седечка положба, уште педесет години. Но, таа никогаш не роптала поради тоа, туку смирено го носела својот тежок крст, даден од Бог. Господ ? го открил времето на упокојувањето три дена пред нејзината смрт. До упокојувањето на 19 април/2 мај 1952 година редовно се исповедала и причестувала. По триесет години од нејзиното упокојување, нејзиниот гроб станал едно од светите места за поклонение во Москва и Русија. „Матронушка“ – умилно ? се обраќаат верните, а таа, исто како и за време на овоземниот живот, и сега непрестајно им помага на сите.