Митрополитите г. Петар, г. Тимотеј и г. Наум се членови, а епископот Хераклејски г. Климент, секретар на Комисијата што денеска Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја определи за претстојните разговори со Српската православна црква.
mpc
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија денеска одржа редовна седница на која, како што се наведува во соопштението, определи претседател на Комисијата да биде митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, а нејзини членови да биде митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и митрополитот Струмички г. Наум. Епископот Хераклејски г. Климент е секретар на Комисијата.
На седницата особено внимание Синодот посветил на разгледување на годишните извештаи од епархиите во Македонската православна црква, како во татковината, така и во дијаспората, стои во соопштението објавено на веб-страната на МПЦ-ОА.
Притоа била изразена загриженост за неповолните демографски податоци, а посебно за православното македонско население во Република Македонија, односно намалување на наталитетот и зголемување на морталитетот.
Исто така, била разгледана и работата на воспитно-образовните институции на Македонската православна црква и извештајот од матурските и приемните испити.