Започна реконструкцијата на Железничката станица во Скопје. Целиот објект е претворен во огромно градилиште.
Целосно ќе биде уредено приземјето, мезанинот и платформското ниво. Покрај другото ќе бидат реновирани постоечките скали од мезанинот до платформата, а ќе се обнови и влезот на станицата.
Директорот на МЖ Инфраструктура, Ирфан Асани вели дека со реконструкцијата Железничката станица ќе добие нови лифтови, осветлување, а покрај другото и тоалети кои ќе бидат приспособени за лица со хендикеп.
– Преку ИПА програмата, се реконструира дел од Железничката станица во Скопје. Реконструкцијата е веќе започната. Ќе бидат поставени два нови лифтови кои од приземјето ќе водат до платформите кај пероните. Исто така ќе се реновираат и пероните, тие ќе бидат поткренати за 20 сантиметри нагоре, а ќе имаат и нова подлога од плочки. Железничката станица ќе добие нов електричен систем, граѓаните ќе можат билетите да ги купуваат електронски, чекалните ќе добијат нов лик, а патниците ќе можат полесно да се информираат за редот на возовите, вели Асани, кој додаде дека тоалетите ќе бидат санирани и приспособени за лица со посебнио потреби.
Покрај градежните активности, предвидено е реновирањето да донесе и многу технолошки новитети. Ќе бидат поставени нови информативни табли за патниците, а на покривот од платформите ќе се инсталира фотонапонски систем што ќе произведува електрична енергија за потребите на станицата.
Санацијата на Железничката станица во Скопје треба да биде готова најдоцна до април наредната година. За проектот се издвоени 2,5 милиони евра, 85 отсто од средствата се обезбедени пд европските ИПА фондови, а останатата сума доаѓа од државниот буџет.