Топењето на мразот во и околу Арктичкиот Океан годинава покажува рапидно зголемување и рекордно ниска висина на нивото на мразот, објави НАСА, нарекувајќи го сево ова – „нова нормала“.
– Ледената санта не навестува подобрување на состојбата во иднина. Напротив, таа и понатаму ќе се влошува. Само што, тоа не е така екстремно како во минатото. Денес ние на некој начин се навикнавме на тоа намалување на нивото, тоа е новата „нормала“ – изјави Волт Мејер, експерт за морски ледени површини од НАСА.
До 31 мај, висината на мразот кај Баренцовото и Карското Море беше пропорционално споредлива со онаа измерена во јуни, благодарение на погодните временски услови. Но, намалувањето во август е далеку над просекот за тој период од годината, нагласуваат стручни лица.
– Годинешните состојби најубаво прикажуваат колку се важни летните временски фактори, особено во јуни и јули кога денот над Арктикот трае 24 часа. Ако атмосферските услови се погодни, кружното и постепено топење ќе се одвива нормално, но ако не се, тоа ќе варира – додаде Мејер.
Научниците постојано ги следат состојбите околу Северниот пол и дебелината на големата санта, но вселенската агенција НАСА тоа го прави и од орбитата. Во 2018 ќе биде лансиран сателитот „Елевејшн Сателајт 2“ кој со помош на ласер ќе ја одредува висината на копнените и длабочината на морските површини.
– Имаме добар увид во промените кај Арктичката Ледена Санта, но моментно не знаеме колку е тенка. Нашите сателити не се оспособени да обезбедат прецизни и целосни податоци од таков вид – рече Торстен Маркус, експерт за атмосферски појави.
„Елевејшн Сателајт 2“ би требало да ги обезбеди таквите информации, за дебелината на Сантата, топењето, намалувањето, варирањето…