
Зградата на Македонската радиотелевизија е преплавена во ѓубре, откако се избира фирмата која на аукција понудила најниска цена, а истекол договорот на фирмата „Бапал Благој“, која добивала неколку тендери за чистење претходно, пренесува „Фокус“.
Директорот на МРТ, Марјан Цветковски во изјава за Фокус рече дека тој е директор и не ги знае целосно техничките работи, но потврди дека во тек е избор на фирма со која ќе се потпише нов договор бидејќи стариот истекол.
Во тек е постапка на потпишување на договор за чистење на МРТ со фирма што понудија најниска сума на аукцијата. До стапување на сила, сите обврски ќе ги превземе секторот за логистика, рече Цветковски.
Инаку, фирмата Бапал Благој ДООЕЛ, како што пренесува „Фокус“ е истата која го доби тендерот за чистење и одржување на Собранието откако истече договорот на „Секјуриком“, чиј сопственик се соочува со кривична пријава за тендерите со Службата за општи и заеднички работи во времето кога директор беше Васе Доневски, а е вмешана и во најобемниот случај на Специјалното јавно обвинителство „Титаник“, за начинот на кој „Секјуриком“ ја финансирала кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Бапал Благој“ во изминатите години имала потпишано договор со неколку државни институции и општини, но нивниот број расте од 2017 година.