„Мртвата жена“ ги изненадила своите блиски на погреб

На погреб во Еквадор, ужалените присутни биле изненадени кога жената во ковчегот покажала дека – сè уште дише…

Имено, Бела Монтоја (76) по грешка била прогласена за мртва од лекар во градот Бабахојo, по сомнителен случај со мозочен удар. Возрасната жена потоа била ставена во ковчег и однесена во капела, пред претстојниот погреб. Но, кога го отвориле ковчегот по речиси пет часа заради пресоблекувањето пред закопот, жената дишела, но се мачела да земе воздух.

– Мајка ми почна да ја движи левата рака, да ги отвора очите, устата, да се бори за воздух. Сфатив дека мајка ми е сè уште жива. Неколку минути подоцна пристигна итната служба и таа беше вратена во болницата, каде што претходно била констатирана смртта. Сега е сместена на интензивна нега, но е свесна, изјави нејзиниот син Гилберт Балберан.

Бела не е единствената личност која „оживеала“ откако официјално била прогласена за мртва. Д-р Стјуарт Хјуз, предавач на Медицинскиот факултет при Универзитетот Англија Раскин во Челмсфорд, рече дека таквите случаи се многу ретки, но се случува и ова.

– Смртта е процес. Понекогаш некој може да изгледа како да е мртов, но не е… Потребно е внимателно испитување за да се потврди смртта, изјави Хјуз за Би-би-си.