Телекомуникацискиот оператор МТЕЛ, членка на Телеком Србија групацијата е нов спонзор на еден од најтрофејните кошаркарски клубови во македонската кошарка, МЗТ Скопје.
Со потпишување на едногодишниот Договор за спонзорство од страна на генералниот директор на МТЕЛ, Марко Лопичиќ и извршниот директор на КК МЗТ Скопје, Филип Ѓоревски се официјализираше соработката која обезбедува поддршка за амбициите на клубот во текот на претстојната сезона.
На свеченоста по повод новото спонзорство присуствуваа и генералниот директор на Телеком Србија, Владимир Лучиќ и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
Генералниот директор на Телеком Србија, на настанот изрази особено задоволство што добрите практики на поддршка на вредности, кои ги споделуваме со нашите корисници, како што е спортот, кои компанијата и нејзината фирма ќерка, МТЕЛ ги практикуваат во сите земји каде што се деловно активни, ги пренесуваат и во своето работење во Македонија.
„Покрај деловните активности кои во изминатиов период ги спроведувавме во Република Северна Македонија, преку нови инвестиции, нови вработувања и воведување на иновативни услуги, новиот договор за спонзорство на уште еден спортски клуб во државата е најсилен доказ за стратешката посветеност на Телеком Србија на овој пазар. Нашите корисници, но и сите фактори во државата може да бидат уверени дека во нашата групација имаат сигурен партнер за остварување на своите планови“, истакна во своето обраќање генералниот директор на Телеком Србија.
Со поддршката за КК МЗТ Скопје, МТЕЛ ја продолжува традицијата на континуирана поддршка на спортот негувана од сите членки на Телеком групацијата.
„Горди сме што како компанија имаме можност, но и големо задоволство да бидеме дел од успешната приказна на КК МЗТ Скопје. Среќни сме што ја продолжуваме традицијата на нашата компанија во рамки на своите можности да ги поддржиме спортските клубови, а преку тоа да придонесеме кон поздрава и поактивна младина, што во денешницата е од особена важност“, нагласи генералниот директор на МТЕЛ, Лопичиќ.
Извршниот директор на КК МЗТ Скопје изрази голема благодарност до раководството на Телеком Србија и МТЕЛ за поддршката.
„Потпишување спонзорски договор со компанија како МТЕЛ, која е дел од Телеком Србија групацијата, е уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат во делот на развојот на клубот и дека МЗТ Скопје веќе е препознатлив бренд не само во Македонија туку и пошироко во регионот. Верувам дека ќе ја оправдаме довербата и дека ова е само почеток на една подолгорочна соработка помеѓу субјекти кои се лидери во својата бранша. Помошта и тоа како ќе ни биде добредојдена, со оглед што и оваа сезона нашите амбиции се највисоки, односно атак на врвот во секое од натпреварувањата во кои ќе настапуваме“, изјави директорот на МЗТ, Ѓоревски.
Свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски кој, пак, нагласи дека Договорот претставува ново поглавје за клубот.
„МЗТ Скопје Аеродром не е обичен клуб, тоа е емоција, гордост, начин и стил на живеење за мене и за најголемиот дел од луѓето што живеат во Аеродром. Токму поради ова, дозволете ми да истакнам дека инвестирањето и поддршката на МЗТ Скопје не е само поддршка во овој клуб, тоа е поддршка генерално за спортот на локално ниво, за градење нови спортски спомени и сеќавања, за вредностите кои МЗТ Скопје ги споделува и генерално инвестиција за цел Аеродром,“ истакна градоначалникот на Општина Аеродром, Муцунски.
Договорот за спонзорство е потпишан на една година, со што МТЕЛ станува ексклузивен телекомуникациски партнер на клубот во текот на натпреварувачката сезона 2023/2024.