МТСП ќе отвора повеќе згрижувачки центри за жртви на семејно насилство

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вчера попладне го посети Засолништето за лица жртви на семејно насилство во Кочани, каде што беше на роденденска забава на едно од четирите малолетни деца кои се засолнети заедно со нивната мајка. Стручниот тим детално ја информираше министерката за овој случај на семејно насилство, како и за процедурите и постапките за него, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.
Центарот во Кочани е еден од четирите засолништа што функционираат во државата и ги исполнува сите најсовремени стандарди. Останатите три центри се во Скопје, Битола и Свети Николе.
-До крајот на годината Министерството планира да отвори уште неколку специјализирани сервиси за жртви на семејно насилство, во повеќе региони низ државата. Целта на овие сервиси е советување, третман и заштита на жртвите на родово базирано насилство, од сите форми на насилство, најави МТСП.
Од Министерството истакнуваат дека посветено работат на соодветна и навремена помош и заштита на жртвите на семејно насилство.
МТСП е во фаза на подготовка на законска рамка за превенција и заштита од сите форми на насилство врз жената и активности од Националниот акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција. Дел од тие активности ќе се реализираат со поддршка од Холандската амбасада за што неодамна беше потпишан договор за соработка.