Министерството за труд и социјална политика (МТСП), во врска со начинот на одржување на контактите на децата со родителите со кои не живеат, во услови на пандемија од корона вирусот, потсетува дека согласно со Законот за семејството, родителското право го вршат родителите заедно, во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница, информираат од МТСП.
– Во услови на пандемија на корона вирусот, кога е доведено во прашање здравјето и животот на луѓето, родителите имаат обврска да се грижат за заштита на здравјето на децата и да го прилагодат движењето на децата согласно препораките на Владата за постапување во услови на вонредна состојба и воведен полициски час. Во овие услови потребно e родителите да се договорат за начинот на одржување на контактите на децата со родителот со кого не живеат, а притоа децата да не бидат изложени на опасностите кои со себе ги носи оваа пандемија, соопштија од МТСП
Во оваа насока од таму информираат дека центрите за социјална работа како надлежни органи се отворени и се на располагање на родителите за обезбедување на неопходната стручна и советодавна поддршка при договарање на начинот на одржување на односите меѓу родителите и децата.
Согласно со Законот за семејството двајцата родители се должни совесно и одговорно да ги извршуваат родителските права и обврски и да се грижат за заштита на здравјето на децата.