МТВ: На СДСМ им пречи е фактот дека е почнат процесот на гасификација

СДСМ очигледно воопшто нема познавање од темата Гасификација па уште еднаш преку паушални соопштенија и невистини се обидува да ја излаже и манипулира јавноста, реагираат од Министерството за транспорт и врски.

Во продолжение проследете го интегрално соопштението од Министертсвото за транспорт и врски:

Гасификацијата во Република Македонија е веќе започната, но тоа само од СДСМ не го гледаат. Единствено што на СДСМ им пречи е фактот дека отпочна да се спроведува процесот на гасификација во Република Македонија.

Физибилити студијата за Националниот гасоводен систем за која СДСМ од ракав изнесува бројки и цени е јавно достапен документ. Лажните тврдења за милионските цени за изработка на физибилити студијата е само доказ дека СДСМ се обидува да ја минира гасификацијата на државата а со тоа и да оневозможи граѓаните и сите економски субјекти да дојдат до поевтин енергенс.

Владата на РМ преку Македонски Енергетски Ресурси – МЕР го започна најголемиот проект за гасификација на Република Македонија. Се изгради магистралата Клечовце –Штип, започна да се гради магистралата Штип-Неготино, а во најскоро време ќе започне и со изградба на магистралите Неготино-Битола и Скопје-Гостивар.

Во наредниот период ќе се изградат и магистралните делници Гостивар –Кичево,  делница Штип – Хамзали – Струмица – Гевгелија како и  крак за ТЕЦ Неготино.  Паралелно со изградба на овие делници кои се дел од националниот гасоводен систем, МЕР ќе подготви и проектна документација и за следните делници: Крак за Свети Николе – Велес во должина од 27 километри, Крак за Гевгелија во должина од 7 километри , Крак за Демир Капија во должина од 12 километри , Вршаково-Кочани-Разловци во должина од 66 километри , Крак за ТЕЦ Осломеј во должина од 3 километри ,Крак за Пробиштип во должина од 13 километри , Кичево – Охрид – Струга во должина од 63 километри.

Проектот за гасификација кој беше ветен во Програмата на оваа Влада започна да се реализира. Наспроти ова, енергетската политика што ја спрoведуваше СДСМ во време на своето владеење само допринесе граѓаните да плаќаат високи цени за електричната енергија.