Задоволен сум што обвинителството ги отфрли кривичните пријави против мене со што се докажа дека во својот мандат не сум работел незаконски. Поранешниот директор на Финансиската полиција во писмо до медиумите прстот го вперува во Рускоска обвинувајќи ја злоупотреба на својата позиција.
„Како што тоа претходно го тврдев, останувам на истиот став дека нападот кон мене беше исклучиво поради нечии лични цели и интереси, притоа злоупотребувајќи ја јавно обвинителската фунција со цел да ми се наштети на мене, на мојот углед и угледот на Управата. Дополнително, ве известувам дека до Основниот граѓански суд имам поднесено тужба против Вилма Русковска, затоа што истата, во неколку наврати во своите јавни излагања во емисиски гостувања, иако свесна за невистинитоста на истите, продолжува да изнесува лажни и невистинити податоци, да лаже и да клевети.“ – се вели во писмото на Арафат Муареми.
Рускоска денеска за Сител потврди дека веќе има тужба против неа. Не сакаше да даде никаков коментар бидејќи како што рече, не коментирала судски и обвинителски одлуки.
Вчера Обвинителството на наследникот на Рускоска, Абази, објави дека по извршената истрага констатирало дека нема докази за постапка против Муареми.
„Постапувајќи по двете кривични пријави против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција и вработени службеници во Управата за финансиска полиција, јавниот обвинител врз основа на прибраните вербални и материјални докази утврди дека во однос на двете кривични пријави не постои основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела или друго кривично дело кое се гони по службена должност.“ – се вели во соопштението на Обвинителството.
Рускоска минатиот јули ги тресеше канцелариите на финансиската полиција. Таа нејзина одлука стави крај и на нејзината но и на директорската кариера на Муареми. Таа беше суспендирана и чека разрешување од Советот на јавни обвинители за наводна грешка, а Муареми рече дека сам се повлекува а Владата експресно донесе одлука за негово разрешување.