Муцунски: Јасна е потребата од ново парламентарно мнозинство, граѓаните јасно се определија за промени

По резултатот кој што се случи по завршувањето на првиот  изборен круг имавме еден израз на волјата на граѓаните кои јасно се определија кон опозицијата и доблесно е кога ќе се изгуби со таква силна порака од народот да се признае поразот  и да се продолжи со политика базирана на конкурентни кадри, наместо битка со водење на црна, негативна кампања,  истакна меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски во вечерашното гостување на Телевизија 24 во дебатната емисија ,,Анализа 24,,

Реалната слика говори дека е потребно ново парламентарно мнозинство или организирање на нови предвремени парламентарни избори, посочи Муцунски.

Додаде дека граѓаните ги препознаваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ по тоа што e сработено, а тоа е економија, правосудство, реформи на медиумски сектор, образование, здравство, директни и странски инвестиции. Во изминативе 4 години имало максимално разочарување на граѓаните со кадри кои што ништо не испорачуваат и со низа скандали.

Постојат два правци во кои што би се движеле после дадената јасна одлука на граѓаните во првиот изборен круг а тоа е или ново парламентарно мнозинство или нови парламентарни избори, рече Муцунски.

Тој истакна дека во актуелниот состав постојат многу одговорни пратеници кои што си ја сакаат Република Македонија и би се одважиле за да станат дел од едно ново мнозинство кое ќе биде базирано на нови решенија со план и визија за Македонија.

Граѓаните препознаваат прогресивност во кандидатите кои што се од опозицијата, не само од ВМРО-ДПМНЕ туку и од останатите кандидати кои што се опозиционо настроени, заклучи Муцунски.