На денешната собраниска седница пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во пратеничко прашање упатено до министерката за образование и наука праша дали таа е подготвена да ги признае грешките од образовниот „концепт без концепт“ како и зошто се задолживме како држава плус 21.5 милиони евра ?
„Пред две недели имаше јавна расправа за реформата на образованието. Поврзано со овој радикален „концепт без концепт“ кој беше предмет на критика од најстручните во рамки на законодавниот дом дебатиравме за дополнително задолжување во висина од 21.5 милиони евра, иако министерката беше уредно поканета таа сепак не дојде во овој дом од кого е избрана и пред кого има уставна обврска во секое време одговара, таа не даде образложение“, рече Муцунски.
„Зошто е потребно Македонија во услови на пандемија и сериозна финансиска и економска криза итно да се задолжи со огромна сума на пари за реформа, а при тоа нема јасно изградена стратегија и реално одржлив план за нејзино спроведување?“ –праша Муцунски.
Тој, исто така, ја праша министерката Царовска дали е подготвена да ги признае направените грешки и да се врати на маса со видни експерти во државата заради заедничка подготовка на одржлива образовна реформа во областа на основното образование, а во чии рамки во прв план ќе бидат ставени интересите на учениците, наставниците, родителите и воопшто напредокот на државата во рамки на образовниот процес?