Извештајот од Европската комисија за Македонија мора да го прочитаат министрите од Владата на СДСМ за конечно да ги видат сите забелешки од страна на Комисијата во делот на корупцијата, криминалот, како и лошата економска состојба во земјата која најдобро ја чувствуваат граѓаните, предупреди во средата Тимчо Муцунски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Време е овој Извештај да го отворат министрите коишто се занимаваат со корупцијата, економијата, бидејќи тука има многу сериозни забелешки, а тие сериозни белешки најдобро се чувствуваат кај граѓаните“, рече Муцунски.
Истакна дека во делот на економијата од Извештајот на Европската комисија има голем број забелешки за кои во изминатите две години укажувале од ВМРО-ДПМНЕ
„Во делот на економијата се совпадна содржината во овој Извештај со одредени забелешки коишто ги дава нашата политичка партија. А тоа е постоење на слаби инвестиции, дека составот на трошење на јавните средства е влошен во последната година, дека пазарот на труд има структурни проблеми дека примената на договорните односи е доста проблематична што укажува на имплицитно постоење на сериозни проблеми во правосудството“, рече Муцунски.