Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски во гостување во „Емисија 200“ на Алсат запрашан за тоа дали до ВМРО-ДПМНЕ стигнала покана за „Фронтот за Европа“ за кој повикува Али Ахмети, одговори дека таква покана не стигнала, а и да стигне ќе мора да биде одбиена бидејќи фронтот кој што го води Ахмети поддржан од Ковачевски е антиевропскиот фронт во Македонија кој ја остави државата без учебници, лекови и реформи и фронт кој носи регрес во општеството.
„Таква покана не сме добиле, а и веројатно и да добиеме ќе мораме да дадеме негативен одговор, бидејќи фронтот кој што го предводи господинот Ахмети, а чиј најлојален поддржувач е господинот Ковачевски е антиевропскиот фронт во Македонија. Фронт кој што ја остави државата без учебници, без лекови, без капитални инвестиции, без сериозни реформи во делот на правосудството, без никаков економски план во овие кризни времиња и е фронт кој што носи регрес во општеството и фронт против кој сите треба да се бориме“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е подготвена да го води вистинскиот европски фронт кој што се базира на политики кои предвидуваат квалитетни мерки за граѓаните и стопанството, реформирање на образованието и напредок во здравството.
„Ние како политичка партија сме подготвени да го водиме вистинскиот, не лицемерниот европски фронт кој што се базира врз политика кој што ќе предвиди економска предвидливост, даночна предвидливост за нашите компании, квалитетни мерки за нашите граѓани и за малите претприемачи, кој што ќе го реформира образовниот систем, кој што ќе донесе напредок во здравството. Тоа е европскиот фронт. Бидејќи Европа е повеќе од хартија и од демагогија дека ние застапуваме одредени вредности. Европа е реформа на дело и таквиот фронт ние како политички субјект да сме подготвени да го предводиме, а за ова СДСМ и за ова ДУИ тешко дека ќе се најде место во него“, додаде Муцински.
Тој исто така истакна дека според сите анкети на јавното мислење станува очигледно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде победник на следните парламентарни избори и новото мнозинство ќе биде формирано врз основа на принципи и програма реформи на сите суштински прашања и борба против корупцијата.
„ВМРО-ДПМНЕ е политички субјект кој што според сите анкети на јавното мислење веќе станува ноторно и очигледно дека ќе победи на следните парламентарни избори. Потоа ќе влеземе во процес на формирање на влада каде што мандатар ќе биде претседателот Мицкоски, а начинот, а начинот на кој што ќе биде формирано новото мнозинство е врз основа на принципи и врз основа на програма, односно борба против корупцијата и реформа на сите суштински прашања коишто се од витално значење за напредокот на Република Македонија“, потенцираше Муцунски.