-Завршивме повеќедневна посета првиот дел беше Конгрес на Европската народна партија каде се избра кандидатот на ЕНП за следен претседател на Европската комисија, односно за реизбор на Урсула фон дер Лајен на таа позиција. Имавме бројни средби и таму и ги реафирмиравме нашите ставови поврзани со европската интеграција на Македонија, а тука во Виена се сретнавме со министерката за Европа, со министерот за надворешни работи, имавме средба со една од најголемите и најважните трговски комори во Австрија и со македонската дијаспора, информираше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на гостување во Дневникот на телевизија Алфа.
Муцунски посочи дека секаде беше реафирмиран ставот дека сакаме Македонија да биде дел од европското семејство.
„Но, ние сакаме да сме во тоа семејство врз основа на принципи, вредности и реални проекти. Кажувајќи ни нашите ставови кажуваме каква надворешна политика ќе има Македонија. Таа ќе биде фокусирана на опипливи резултати за својата држава, фокусирање на нови странски директни инвестиции и негување на тие кои ги има веќе во државата затоа што добиваме сигнали дека ма и сериозна грижа од страна на странските инвеститори посебно од партнери како тие од Австрија еден од најголемите трговски инвеститори во нашата држава“, кажа Муцунски.
Заклучи: „сметам дека успешно ја завршивме оваа посета, сега доаѓа фокусот дома, на кампањата која претстои и по изборите формирање на нова влада која ќе ги реализира приоритетите кои ги претставуваме сега“.