Тимчо Муцунски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во гостување во утринската емисија „Утро со Златев“ на Радио Лидер, зборувајќи за последните случувања околу најавата на Љупчо Николовски за акцијата со запленет путер, вели дека треба институциите вистински да почнат да се борат против високата корупција која е присутна во секоја пора во општество, додавајќи дека за безбедноста на храната има институции кои треба да се грижат за тоа.
– По перцепција на корупција сме на европско дно. Фактички ја гледаме корупцијата дека постои во секоја пора на нашето општество и во таа смисла јас навистина не гледам никаква безбеднос на храната, тоа е битно прашање но си има институции кои што треба да се грижат за тоа, и тие кои што треба да се борат против високата корупција. Во последната недела имаше повеќе од четири скандали на висока корупција, а од страна на институциите на владата имаше молк и негирање, од страна на Јавното обвинителство како и што сме навикнати во последните години веројатно нема ни пред истрага, ни истрага, ни никакво постапување – вели пратеникот Муцунски.
Според него, кога се работи за високата корупција јавното обвинителство треба сериозно да се зафатат и да си ги преземе обврските кои што ги имаат според закон и да почнат да постапуваат против вистинската корупција, а не вака измислената корупција, истакна тој.
Муцунски одговарајќи на прашањето кои се решенијата кои ВМРО-ДПМНЕ ги има во однос на корупцијата и како би се разликувала од сегашната власт на СДСМ во однос на справувње со корупцијата во Македонија, тој смета дека проблемот треба да се реши со примената на законите.
– Не е толку многу во решението во промена на законот. Ние имаме добра законска рамка за борба против висок криминал и корупција. Првиот проблем којшто го имаме е примената на тие закони, и тоа граѓаните најдобро го знаат. Знаат дека едно често гледаат на хартија, а кога ќе се соочат со институциите и системот, примената некако се разликува со тоа што го има на хартија – рече Муцунски.
Муцунски нагласи дека е потребно политичарите да ги тргнат рацете од правосудниот систем и јавната администрација и да покажат дека самите институции може да постапуваат независно без никакво влијание од страна на политичките партии.