![mucunski zoro](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/mucunski-zoro.webp?resize=696%2C430&ssl=1)
Подготвени сме за дијалог во добра волја и изнаоѓање на рационални решенија – порача шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски на работниот појадок со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во земјава.
Според него, крајно време е Македонија да продолжи по европскиот пат, но Унијата како што кажа тој, мора да донесе и стратешка одлука за тоа како во иднина ќе постапува кон Македонија, но и кон регионот. Оцени дека евроинтеграцискиот пат на земјава е тест за кредибилитетот на европската приказна кај земјите од западен Балкан.
-Подготвени сме за дијалог во добра волја и изнаоѓање на рационални решенија. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример, како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко. Притоа, патот напред не води преку константна билатерализација на пристапниот процес и условување со прашања кои имаат малку со европската идеја и нејзините вредности. Напротив, потребна е геополитичка одговорност и одлуки кои ќе зближуваат наместо да не делат, Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и надворешна трговија
Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас пак, изрази надеж дека годинава ќе биде посветена и на напредок во пристапниот процес. Очекува спроведување на реформската агенда и порача дека Униајата ќе и помогне на земјава, особено во делот на правосудството кое како што кажа, е клучен дел од пристапниот процес. Според Рокас, новото раководство на Унијата е посветено на процесот на проширување, а ги најави и посетите на еврокомеската за проширување Марта Кос и високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во првиот семестар годинава.
-Имаме ново водство во ЕУ, процесот на проширување беше реенергезиран и беше во фокусот на агендата, се надевам дека ќе ги продолжиме дискусиите кои ги започнавме, пораките кои ги добив во однос на тоа беа охрабрувачки, има многу разбирање и многу заедничка волја да се придвижи процесот во Брисел, Михалис Рокас – евроамбасадор
Еврокомесарката Марта Кос пак, на комисијата за надворешни работи во ЕП ги повтори очекувањата за земјава и кажа дека очекува по уставните измени, Бугарија да ја поддржува Македонија на патот кон членство. Министерот Муцунски инаку, идната недела со премиерот Мицкоски патува за САД на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, а најави дека на состаноците во Вашингтон ќе се разговара за македонските евроинтеграциите и поддршката која земјава може да ја добие од САД во тој поглед.