Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати една одлично структурирана Резолуција да стане предмет на партиски калкулации и пазарења

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ останува на предложениот концепт за единство на сите политички партии, за текстот кој е создаден и напишан од врвните научни, образовни и општествени институции МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА. Не би сакале да веруваме дека зад одлуката на СДСМ стои оставање на простор за пазарење со националните и државните интереси од највисок интерес, идентитетот, јазикот и националната засебноста на македонскиот народ, рече на прес конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.

– Структурата на предложената Резолуција е концепт зад кој, за прв пат, политичките партии може да најдат минимум простор за заеднички позиции. За националните и државните интереси треба да го најдеме тоа што не обединува. Фактот што СДСМ одлучи да го промени својот став по трет пат и да отвора теми кои не се поврзани со содржината на резолуцијата, за жал ги ослабнува позициите на Македонија во било какви идни разговори со Бугарија. Обврска на државниот врв е да обединува, а не да разединува. СДСМ го прави токму второто. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати една одлично структурирана Резолуција, зад која стои авторитетот на највисоките образовни и научни институции, да стане предмет на партиски калкулации и пазарења – вели Муцунски.

Тој додава дека сметаат оти својувањето на оваа Резолуција е од исклучителна важност за забрзување на европската перспектива, зацврстување на државниот и националниот суверенитет на Република Македонија.

– Собранието на Република Македонија во овие критични моменти на нашиот развој е повеќе од потребно да излезе со единствен државен став во поглед на прашања кои се од национално значење и кои се очекува да придонесат за непречениот развој на нашата држава, но и за унапредувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион и Европа во целина. Со усвојувањето на Резолуцијата ќе им дадеме дополнителен поттик на сите наши пријатели, партнери и влијателни фактори на меѓународната заедница кои има било какви сомневања во однос на потребата од заштита на нашиот суверенитет, идентитетски обележја, македонскиот јазик, но и значајни историски и културни обележја – смета Муцунски.

Пратеникот вели дека целта на Резолуцијата не е да се поткопаат позициите на Република Македонија, туку да се помогне во насока на заштита на националните интереси, а токму оваа Резолуција нуди компромисна содржина зад која може цврсто да се обедини целата македонска нација во заштита на македонскиот јазик и македонскиот национален идентитет.

Тој порача дека е време Македонија, и покрај сите разлики кои ги имаат политичките партии, да се обедини во заштита на нашите национални интереси.