Муцунски од ПССЕ: Не постои случај каде бугарското малцинство било дискриминирано во нашата земја

Денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски зема учество на есенската сесија на Парламентарното собрание на Совет на Европа, која се одржува од 30 септември до 4 октомври 2024 година во Стразбур.

Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на прашањето со Бугарија, потенцирајќи дека интеграцијата на нашата држава во Европската Унија е од заеднички интерес за целиот регион.

-Да зборуваме за она што не обединува и за тоа што можеме да го направиме заедно. Придвижувањето на нашиот пат кон ЕУ е важно не само за нас, туку и за нашите соседи, кои ќе имаат најголеми придобивки од нашето членство.

Министерот исто така зборуваше за третманот на малцинствата во двете земји, бугарското малцинство во нашата држава и македонското во Република Бугарија.

-Не постои случај каде бугарското малцинство било дискриминирано во нашата земја, но ако постои таков случај, подготвени сме да разговараме и да работиме институционално за негово решавање. Ајде заедно да ги унапредуваме правата на малцинствата во двете земји. Секој предлог за подобрување го прифаќаме со отворени раце, но и ние имаме право да дадеме примери каде и Бугарија мора да се подобри, особено во врска со пресудите на Европскиот суд за човекови права, истакна Муцунски.

Во завршницата на своето обраќање, министерот се осврна на иднината на регионот, која ја гледа како дел од ЕУ.

-Ние, како млада генерација политичари, можеме да учиме од историјата, но и да гледаме напред – кон вештачката интелигенција, трговијата и можностите за соработка меѓу нашите земји. Сите наши соседи ги сметаме за пријатели и ќе продолжиме да се однесуваме така. Ајде заеднички да го придвижиме регионот напред на патот кон Европската Унија.