Муцунски: Пролетни инвестиции во Аеродром, нови паркови и зелени површини што носат поубав изглед за жителите

-Активностите за унапредувањето на урбаното живеење што ги започнавме во март, продолжуваат и овој месец со изведба на нови паркови, нови зелени површини и простор за одмор и рекреација. Активно се работи на новиот парк со површина од 2300 квадратни метри во Стар Аеродром, а привршува изведбата на уште три зелени површини. Првите две се лоцирани во непосредна близина на училиштето „Блаже Конески“, а третата веднаш до „Тобако 2“, објави градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски на својата Фејсбук страна, кој ги повика граѓаните масовно да ги користат новите зелени површини. При тоа потенцираше дека тие пред се го унапредуваат и збогатуваат маалскиот живот и квалитетот на живеење во Аеродром. Тој истакна дека со овие инвестиции, се остваруваат заложбите за повеќе зелени површини и нови паркови во Општина Аеродром.
„Зелените паркови и површини претставуваат нови инвестиции и проекти со кои го унапредуваме урбаното живеење на Аеродром, инвестираме во поубава и позелена општина и водиме грижа за потребите и барањата на граѓаните. Се радувам што пролетта и новите инвестиции Аеродром, носат и поубав изглед и повеќе содржини на различни локации“, напиша Муцунски во својата фејсбук објава.