Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, денеска одржа прес-конференција за медиумите, одговарајќи на лажните вести, дезинформации и обвинувања од страна на политичките партии од власта, поврзани со процесот на изработка на Деталниот урбанистички план во дел од населбата Лисиче.
Како што истакна градоначалникот Муцунски, станува збор за координирана кампања насочена кон ширење лажни вести и дезинформации пред граѓаните, со која владејачката коалиција се обидува да направи дефокус, но и да ги затскрие сопствените крупни коруптивни скандали.
„Само кај нас во Македонија, може да имаме случај кога неуспешен градоначалник, на сомнителен начин унапреден во потпретседател на политичка партија на власт на својата мајка и помага да купи земјиште за луксузен хотел и тоа по багателни цени, токму во општина каде неговата партија е на власт. Или, пак случај каде отсуство од седница на владата може да биде земено како позитивна околност, а не како сомнеж за коруптивно дејство при продажба на земјиште на својата сопруга по нереално ниски цени“, истакна Муцунски.
Тој додаде дека Македонија во моментот ги живее најлошите економски денови од осамостојувањето до денес, а за тоа говорат драстично покачените цени, помалата куповна моќ на граѓаните, како и фокусот на власта исклучиво кон носење на матни зделки и класификација на документите кои укажуваат на корупција.
Во однос на обвинувањата за наводна корупција и нетранспарентност во работењето на општината, Муцунски истакна дека граѓаните се свесни дека токму владејачката партија која стои зад овие неточни обвинувања, е симбол и школски пример за корупција.
„Сомнеж за коруптивно постапување ќе имаше доколку со овој детален урбанистички план општината предвидеше можност за продажба на земјиште на мојата сопруга по цена од 70 денари/м2 за изградба на фотоволтаици по примерот на премиерот Димитар Ковачевски. Сомнеж за корупција ќе беше доколку во овој ДУП, општината предвидеше маркица за хотел со 5 ѕвездички за мојата мајка, како што тоа го направи – согласно информациите од медиумите, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев. Веројатно „транспарентност“ на начин како што го прави СДСМ ќе беше доколку документите ги криевме далеку од очите на јавноста, на начин како што СДСМ и ДУИ го кријат својот криминал. Да биде трагедијата уште поголема, тие бараат одговорност за документ чија изработка е иницирана во период кога со Општина Аеродром и со советот во општина раководат нивните кадри. Прстот на одговорност, несакајќи или без да знаат го вперија токму во кадри кои доаѓаат од нивните редови“, потенцираше Муцунски.
Како што посочи Муцунски, на локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво „бетонирање“, напротив станува збор за детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95% објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, ДУП кој за прв пат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче.
„Ние сме поразлични од нив, ние работиме транспарентно и во согласност со законите. Донесувањето на Деталниот урбанистички план за еден дел од населбата Лисиче е процес кој е во фаза на консултација со јавноста, документ чија изработка е иницирана за време на мојот претходник Златко Марин, односно пред моето доаѓање за градоначалник во Општина Аеродром, а која на најтранспарентен начин, во консултација со јавноста и во согласно со законите се реализира додека јас сум градоначалник во Аеродром. Тука би сакал само да потсетам дека, токму СДСМ во 2019 година донесе ДУП, на локација која се наоѓа на 50 метри од локацијата која сега за нив е спорна, а каде веќе се изградени четири станбени згради“, објасни тој.
На крајот тој упати апел до политичката партија СДСМ, која како што посочи тој за жал нема капацитет за реализирање на проекти.
„Ние, граѓаните, но и во СДСМ знаат дека единствена нивна цел се тесните бизниси интереси. Но тие бизнис интереси не треба и не смеат да бидат пречка во развојот и реализацијата на проектите. Оставете не да продолжиме со работа и во реализација на проекти за граѓаните и за Аеродром. Полето на политичка пресметка се изборите, а на граѓаните“, заврши Муцунски во денешната прес конференција.