Муцунски- Столтенберг: Остануваме кредибилна НАТО членка со придонес во глобалниот мир и регионалната стабилност

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на првата работна посета на Брисел, оствари средба со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на Алијансата.

Средбата се реализира во пресрет на севкупните подготовки на Алијансата за одбележување на значајниот јубилеј – 75-годишнина од формирањето на НАТО, кој соодветно ќе биде одбележан за време на претстојниот Самит на НАТО, што ќе се одржи во јули, во Вашингтон.

Во фокусот на разговорите беа актуелните состојби во земјите од Западен Балкан како регион од стратешко значење за НАТО и потребата од забрзување на евро-атлантските интегративни процеси.

“Особено значајно е продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ, пред сѐ преку забрзување на европските и евроатлантските интегративни процеси на земјите од регионот, што е особено важно за консолидирање на регионалната стабилност, безбедност и просперитет”, нагласи Муцунски.

На средбата беше поздравен успехот на земјава во однос на постигнатиот праг од повеќе од 2% од БДП за одбраната, што претставува показател дека земјава е кредибилен НАТО сојузник посветен на зачувувањето на трансатлантската стабилност.

Воедно, Муцунски во оваа прилика го запозна соговорникот и со приоритетите од Програмата за работа на новата Влада и фокусот кој ќе биде ставен на реформските процеси, истакнувајќи ја и определбата за наш натамошен придонес во обезбедувањето на заедничкиот мир и безбедност на Евро-атлантската област.

Соговорниците ја реафирмираа поддршката за Украина, како и силната осуда за руска воена агресија, а разменија мислења за состојбите во Блискиот Исток и други актуелни прашања од надворешно – политичка и безбедносна природа.

Министерот Муцунски ги пренесе изразите на највисока благодарност за долгата и посветена работа на Генералниот секретар Столтенберг во Алијансата.