Муцунски: ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокира законот за еколошка такса

Без двоумење ќе го блокираме законот за еколошка такса, користејќи ги сите постоечки демократски механизми и ќе го спречиме неговото донесување. во Собранието, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски.

– Во случај мнозинството да продолжи да го прави тоа што го прави најдобро, а тоа е насилно и надвор од процедура да донесе уште еден закон кој удира по џебот на граѓаните, тогаш приоритет на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосна ревизија на сите анти-пазарни политики, меѓу кои и високите даноци. Нашето решение е едноставно, граѓаните ќе осетат вистински ефекти преку намалување на даноците и давачките кон власта, како и безусловно укинување на таканаречената еколошка такса – рече Муцунски.

Според него, наместо државата да се грижи за инвестиции во зелени проекти, Владата има намера да наплаќа од секој граѓанин и од секоја компанија со цел да финансира проекти што нема да постигнат некој значителен ефект, освен можеби политички да го оправдаат ребрендирањето на еден од своите коалициски партнери.

– Потенцираме дека немаме задршка во однос на потребата за адресирање на современите еколошки предизвици, но за тоа постојат редица на прифатливи начини, други финансиски инструменти и соодветни мерки. Во овој тежок кризен период не смееме да дозволиме најсилно да бидат оштетени граѓаните и стопанските субјекти. Токму овој владин предлог за воведување на нова давачка со која практично се зголемуваат цените на горивата за граѓаните, со сигурност ќе влијае кон нов бран на зголемување на цените на транспортот и на сите други производи, зголемена неконкурентност на македонските компании на светскиот пазар, за да во овие кризни времиња има потенцијал да предизвика и дополнителен шок на целата македонска економија – рече пратеникот.