Муцунски во интервју за весникот Вечер: Функционираме со реализирани проекти и дела, а не со демагогија и празни зборови

Општината треба да служи на граѓаните, а не на личниот интерес. Ова во интервју за дневниот весник „Вечер” го вели градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски потенцирајќи дека Аеродром од општина со административна нераспонзивност и каде претходно се трошеле пари за угостителски услуги и спа центри, денес е пример за транспарентно работење, одговорно трошење на јавните средства и општина рекордер по бројот на најмалку издадени дозволи за изградба на станбени згради.

Тој нагласува дека првите најзначајни исчекори што ги направило актуелното општинско раководство е промената на културата и начинот на однесување спрема институцијата преку кратење на средствата за репрезентација и патни трошоци.

„Првите најзначајни исчекори што ги направивме е промената на културата и начинот на којшто се однесуваме спрема институцијата општо. И тоа се некогаш симболични чекори што покажуваат како ние сметаме дека јавните институции треба да бидат третирани. Рековме дека градоначалникот нема да има средства за презентација и за патни трошоци, дека градоначалникот нема да користи службен телефон и службено возило. Не само за градоначалникот, истите правила ги воспоставивме и за претседателот на Советот, што е нешто што не се случило во општината од моментот на своето постоење„, истакнува Муцунски во интервјуто за Вечер.

Тој е дециден дека по неговото доаѓање во Аеродром сменет е третманот кон урбанизмот и денес Аеродром е рекордер по бројот на најмалку издадени дозволи за изградба на станбени згради.

„Веројатно сме рекордери по бројот на најмалку издадени дозволи за изградба на станбени згради. Пренаменивме многу локации на кои беа предвидени станбени згради во локации за паркови и зеленило и токму на една од тие клучни локации, зад ТЦ „Лиса”, во моментов се работи на изградба на нов парк и очекувам на почетокот на пролетта да добиеме парк од 6.000 квадратни метри„ вели Муцунски.

Во интервјуто за дневниот весник „Вечер” Муцунски говори и за реализираните проекти и опструкциите од централната власт.

„Кога ќе направите споредба ќе видите, од едната страна на централната власт има многу ветувања на хартија. Јас ја направив таа споредба на програмата на СДСМ за последните парламентарни избори која потоа се преточи во програма на Владата, каде што има многу конкретни ветувања за Аеродром, ветувања од централната власт дека таа ќе изгради градинки во Аеродром, дека таа ќе изгради гимназија во Аеродром, дека ќе изгради иновациски и хаб за млади, дека ќе вложи во реконструкција на одредени патишта и улици во Аеродром. И кога ќе ја видите таа споредба што ветила оваа Влада за Аеродром и што релизирала до 2024 година, бидејќи тоа е влада која заради формирањето на техничката влада, има уште ден месец од својот мандат, ќе видите многу ветувања на хартија и ништо од тоа што е ветено”, вели Муцунски на оваа тема.

Во интервјуто ги споменува и реализираните проекти во изминатите две години, притоа вели дека најголемиот дел од нив се веќе реализирани, а единствената причина за оние кои не се започнати е заради блокадите од централната власт, но очекува истите да се реализираат до крајот на мандатот.

„Сметам дека постигнавме голем дел од целите, а таму каде што не ги постигнавме, беше, пред се, заради блокади од страна на централната власт. Но, тоа што е значајно, успеавме да ги подготвиме проектите и очекувам во 2024 година и тие проекти што останаа, да ги завршиме до крајот на нашиот мандат во 2025 година и со тоа да ја побиеме тезата дека ветувањата биле нереални”, додава тој на оваа тема.

Разговорот го завршува со убави вести за Аеродром најавувајќи го новогодишното украсување на општината кое ќе донесе радост и позитивна атмосфера во пресрет на новогодишните празници.

„Во првите две години од нашиот мандат заради таквата енергетска и економска криза моравме многу да штедиме. Не дека и сега не штедиме, но донесовме проценка дека е потребно да инвестираме во претпразничниот период, насочена кон создавање на една попозитивна и поведра атмосфера во нашата општина. Деновиве почнуваме со новогодишно украсување на локации што се под надлежност на општина Аеродром (Паркот „Авионче”, Детската улица „Тоше Проески”, Паркот „Јане Сандански” улица „Островска”) и на други локации на територијата на општината. Ќе организираме и предновогодишен базар кај Паркот „Авионче”, кој ќе биде фокусиран на промоција на македонско вино, ќе настапат голем број уметници, најголем дел домашни, локални уметници, што значи дека со скромните средства што ги имаме на располагање ќе дадеме свој инпут за новогодишните празници да бидат поубави и поведри, во празнична атмосфера”, заклучува Муцунски во интервјуто.