Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, во пресрет на реванш бараж дуелот со Чешка побара од репрезентативците да го дадат максимумот и да се обидат да ја надополнат негативата од шест гола и да се продолжи континуитетот од настапи на големите натпреварувања.
Обраќањето на Мукаетов ви го пренесуваме во целост:
„Драги репрезентативци, ракометни работници, почитувани претставници на медиумите и љубители на ракометот. Нашите ракометни сениори на 15 јуни 2016 во 20:00 часот ќе се соочат со уште еден тежок предизвик. Претстојниот натпревар помеѓу националните селекции на Македонија и Чешка за СП Франција 2017 е многу повеќе од квалификациски меч. Утрешниот натпревар за нас како Федерација претставува мост помеѓу македонската ракометна историја и иднината на нашиот национален ракометен дрес, се наведува во обраќањето на Мукаетов преку официјалната веб-страница на Федерацијата.
Токму затоа, на утрешниот натпревар апелирам до нашите момци да ги вложат макар и последните атоми од силите за да го одржиме континуитетот на големите натпреварувања. Да го дадеме најдоброто што го знаеме и умееме за непречен тек на приказната чии продолженија ги славиме секој јануари.
Да ги израдуваме нашите верни навивачи кои поминуваат илјадници километри во невозможни услови со цел да ги бодрат своите јунаци при големите подвизи и кои сум сигурен дека и на утрешниот натпревар ќе ни дадат максимална поддршка од трибините во ВИПАрената „Борис Трајковски”.
Драги репрезенативци и стручни ракометни соработници: просторот за оправдувања се стесни. Затоа, апелирам да се сфати сериозно секоја секунда од семафорот на утрешниот натпревар. Да се остави срце на терен, онака како што многу пати досега се случувало. Со сета сила да се брани македонскиот ракометен идентитет, затоа што тоа u го должиме на целата нација! За МАКЕДОНИЈА!, се наведува во обраќањето на Мукаетов“.