Поранешниот НБА кошаркар и ѕвезда во тимот на Атланта Хоукс, Муки Блејлок доби 15-годишна затворска казна поради убиство на жена во сообраќајна незгода.
Несреќата се случила во мај минатата година, а Блејлок под дејство на алкохол ја усмртил 43-годишната жена, инаку мајка на пет деца. Сепак, казната од 15 години затвор има олеснителни околности.
Осум години ќе помине со условна казна, а најрано од затвор може да излезе по три години, и тоа доколку одработи 1500 часа друштвено корисна работа и ако два пати седмично посетува состаноци на анонимни алкохоличари. Блејлок, кој подолг период има проблеми со алкохолот, ќе добие забрана за управување со автомобил во следните 15 години.
Блејлок во својата кариера играше за НБА тимовите Атланта Хоукс, Њу Џерси Нетс и Голден Стејт Вориорс, а во 1994 година настапи и на Олстар мечот.