Мукоски: Новата влада ги има стопирано сите стратешки проекти во Македонија

Главен двигател на македонската економија до сега беше растот на капиталните инвестиции, особено секторот градежништво, вели за телевизија Алфа, Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во моментов, за жал, новата влада ги има стопирано сите стратешки проекти во Република Македонија. Изградбата на автопатиштата како што е Кичево-Охрид, Миладиновци-Штип, не го пуштаат автопатот од Демир Капија до Смоквица, реконструирањето на железничката пруга е стопирано, гасоводот исто така. Преку 32 гранки врзува само градежништвото и јас не знам на кој начин СДСМ планираат да го остварат растот. Вака остануваат дополнителен број луѓе на улица, се намалува приватната потрошувачка, инвеститорите, особено странските, но и домашните се наоѓаат во една несигурност по изјавите што ги дава дека не требало да има странски инвестиции и дека ќе се правела ревизија“, вели Мукоски.

Пратеникот вели дека кога ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата заминале од власт, оставиле од старата еврообврзница околу 230 милиони евра на сметка.

„Тос се средства со кои новата Влада можеше да ги задоволи потребите за финансирање на буџетскиот дефицит до крај на годината. Дополнително оставивме ликвидна сметка и се поставува прашањето, зошто владата се задолжува, во изминатите 40-тина дена, а задолжувањата се околу 70 милиони евра со поголемо темпо од она што претходно се задолжуваше минатата влада и кое беше под жесток удар и критика? Тие викаат за тековни раздолжувања, но ако видите многу повеќе се задолжуваат отколку што се раздолжуваат. Никаде не е спомнато каде ќе се искористат тие средства од старата еврообврзница. Моите проценки се дека до крајот на годината ќе се задолжат во висина од околу 300 милиони евра“, потенцира Мукоски