Самиот факт дека се кратат средства од капиталните инвестиции во износ повисок од 50 милиони евра и тоа за суштински потреби на граѓаните, а од друга страна генерално се зголемува ставката за плати и наемнини и за патни расходи и се вршат нови вработувања генерално во сите институции, не станува збор за никаков развоен буџет, вели за Алфа Крсто Мукоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Овој Вуџет е класична козметичка шминка и обид на Социјадемократите во неколку ставки да ја замаат јавноста пред локалните избори кои следат“, рече пратеникот.
Вели дека за жал и во расправата на Комисијата за финансирање и буџет во општиот претрес не добиле одговор од министерот за финансии како е возможно математички, овој проектиран раст на БДП наспроти дефицитот кој го предвидуваат да се оствари.
„Не може ако проектираниот БДП од 2,9 или 3 претходно го намалите на 2,2 проценти, а дефицитот да остане на исто ниво 2,9 проценти во апсолутен износ. Невозможна е таа споредба, не реална е таа проценка за раст на БДП. Јас сум сигурен дека буџетскиот дефицит ќе биде многу поголем, а растот нема да достигне 2,2 проценти бидејќи ги кратат пред се капиталните инвестици. Растот на БДП во првиот квартал е 0 проценти, значи ништо од она што го ветуваа граѓаните дека растот ќе биде 5,6 проценти“, додаде Мукоски.