Мулен руж одбележува 130 години постоење

 

Мулен руж, кабаре во срцето на Париз, познатo по своите кан-кан танчарки и костими од пердуви од ној, денеска одбележува 130 години од моментот кога првпат ги отвори своите врати за посетителите.

Главниот настан на репертоарот на Мулен руж сега е „Фери шоу“, во кое учествуваат 60 изведувачи од 14 земји.

Сепак, зад сцената има една сосема друга кореографија што 600.000 гости кои ја гледаат претставата секоја година не можат да ја видат, пиејќи речиси четвртина милион шишиња шампањ.

Тоа е софистицирана машинерија за промена на костими и сценографија, неопходна за претставата.

– Целиот тим, вклучително танчари, асистенти и техничари, мора да биде многу организиран. Поради мала грешка или доцнење може да го пропуштите излегувањето на сцена. Мора секогаш да бидете на вистинското место во вистинското време, вели Клодин ван дер Берг, 27-годишна танчарка од Ирска, која настапува во Мулен руж веќе седум години.

Секоја изведба претпоставува дека танчарите носат илјада костими, од кои секој е сошиен во кројачниците што со децении работат за Мулен руж. Секој танчар за време на настапот менува од 10 до 15 костими, за што има 90 секунди.

Претставите во Мулен руж се продолжение на традицијата што започна со отворањето на кабарето на 6 октомври 1889 година, кога жените, кои преку ден заработувале перејќи алишта, навечер се претвораа во танчарки.

Една од нив е Ла Гуле (алчна), насликана од познатиот Анри де Тулуз-Лотрек на еден од постерите за Мулен руж, додека отстрана ја гледа нејзиниот партнер Валентин Без Коски.

Во тоа време, во Мулен руж настапувале танчарки со необични уметнички имиња, како што се Нина Нозе Во Воздух, Златната Рајон и Скакулец.

Денес, на сцената блескаат Олга, Јасмин, Клодин или Есмералда.

Критичарите веруваат дека одредени аспекти од претставите во Мулен руж, особено затоа што танчарките настапуваат топлес или во проѕирни костими, претставуваат сексистичко сфаќање на жената како објект, што е спротивно на модерните трендови.

За време на одбележувањето на 125-годишнината на Мулен руж во 2014 година, сите активистки од феминистичката група „Фемен“ се качија на покривот на кабарето и извикаа дека телото на жената не треба да биде на продажба.

За Олга Кохолова од Казахстан, која веќе 12 години настапува во Мулен руж, духот на кабарето е безвременски.

– Го сакам адреналинот на сцената. Мулен руж е волшебно место каде што ја искажувам својата страст. Кога сум на сцената, знам дека сум наследник на познатите танчарки кои 130 години го создаваа Мулен руж, рече Кохлова.

Мулен руж се наоѓа на Монмартр, познатиот боемски дел на Париз, а на покривот има голема имитација на црвена ветерница, што е и значењето на името на кабарето.

Во ентериерот и денес преовладува ретро-декор од 19 век, давајќи му на локалот боемски изглед.

Многу познати уметници како Жозефина Бејкер, Френк Синатра и Едит Пјаф настапувале во Мулен руж.

Сцени од Мулен руж беа овековечени на платната на постимпресионистичкиот сликар Анри де Тулуз-Лотрек, кој бил чест гостин во кабарето.