Мултимедијалнa изложба „Патување низ историјата на Џезот“ во организација на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија

Од 7-ти до 19-ти октомври, во иновативниот центар на Македонски Телеком кој се наоѓа на плоштадот Македонија, ќе се одржи мултимедијална изложба под името „Патување низ историјата на Џезот“.

Оваа изложба која е во организација на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија ќе има за цел да го доближи џезот до пошироката публика преку интерактивен и мултимедијален пристап токму во период кога се одржува и култниот „Скопски Џез фестивал“. Изложбата ќе им понуди на посетителите запознавање со основите на џезот, со неговите почетоци и основоположници – правејќи го џезот подостапен за сите, со помош на технологијата.

Изложбата ќе биде одлична можност за сите кои што би сакале да се запознаат со музиката која го одбележа 20-тиот век и со нејзините најпознати претставници како Луис Армстронг, Дјук Елингтон, Дизи Гилеспи, Мајлс Дејвис, Чик Кореа и уште многу други оригинални личности и музички гении.

Освен основни информации за запознавање со џезот, изложбата ќе се осврне и на интересните факти и анегдоти поврзани со овие луѓе, нивните гледишта и нивниот стил на живот.

Затоа вреди да дојдете и низ едно интерактивно патување да чуете и видите за инспиративните и забавните настани кои го создале најфасцинантниот правец во музиката.