Мун порача дека мирот со Сеул не подразбира повлекување на американските војници

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин ја отфрли во средата идејата за заминување на десетиците илјади американски војници распоредени во Јужна Кореја доколку биде постигнат мировен договр со Северот, и истовремено истакна дека сака Обединетите нации да го проверат затворањето на севернокорејската нуклеарна постројка.

Мун ја даде изјавата на денот кога Сеул потврдил дека неколку амрикански борбени авиони од типот „F-22 Raptor“ ќе учествува во Јужна Кореја во заедничките воздушни воени вежби.

Сверот и Југот уште технички се во војна, бидејќи во 1953 година Корејската војна заврши со прекин на огнот а не со мировен договор. Мун и севернокорејскиот челник Ким Џон-ун се договорија во петокот на историскиот самит дека ќе работат на востпоставување траен мир.

„Американските сили во Јужна Кореја се прашање на сојузот меѓу Јужна Кореја и САД. Тоа нема врска со потпишувањето на мировниот договор“, изјави Мун повикувајќи се на билатералниот договор кој дозволува постојано присуство на 28.500 американски војници на јужнокорејската територија.

Мун коментарот го даде откако еден негов советник отворено рече дека присуството на американските војници, маринци и пилоти ќе биде доведено во прашање доколку биде постигнат конечниот мировен договор со Северна Кореја. Мун Цунг-ин напиша во американскиот магазин Foreign Affairs дека ќе биде „тешко да се оправда задржувањето на американските сили во Јужна Кореја“, по потпишувањето на мирот со Пјонгјанг.

Сината куќа, резиденцијата на јужнокорејските претседатели, побарала од својот советник да „не предизвикува уште поголема конфузија“, изјави портпаролот Ким Еуи-кјеом.

Мун побара ОН да го проверат најавеното затворање на севернокорејските постројки за нуклеарни тестови, соопшти портпаролот на светската организација.

Мун Џае-ин упатил такво барање во телефонскиот разговор со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, само неколку дена откако неговиот севернокорејски колега Ким Џонг-ун изјави дека има намера во мај да го затвори полигонот за нуклеарни проби Пунџи-ри. Притоа, во американските медиуми беше објавено дека Ким понудил инспекција на постројките да извршат американски стручњаци.

„Претседателот побара поддршка од ОН околу проверката за затворењето на постројките за нуклеарни тестирања на Северна Кореја, како што најави лидерот Ким Џонг-ун“, појасни портпаролот на ОН.

Мун побарал од Гутереш помош од ОН во „трансформацијата на демилитаризираната зона во зона на мирот“ меѓу двете Кореи. Челникот на светската организација претходно порача дека е подготвена да разговара за можните форми на поддршка но не се познати деталите.