Муриљо се сели во Барселона

Дваесет и шестгодишниот колумбиски фудбалер Жејсон Муриљо, најверојатно кариерата ќе ја продолжи во актуелниот шпански првак Барселона.

Муриљо во редовите на Барселона доаѓа како позајмен играч од Валенсија до крајот на сезоната за два милиона евра, а договорена е отштета од 25 милиони евра по исекот на позајмувањето.

Колумбиецот веќе допатувал во Барселона и доколку во следните денови ги мине лекарските прегледи, ќе го потпише договорот.

Каталонците во последниот период имаат големи проблеми со одбраната, па тренерот Ернесто Валверде во текот на зимскиот преоден рок сака да го реши овој проблем. Иако оваа сезона не играше често за Валенсија, Муриљо треба да ја засили последната линија на Барса, имајќи ја предвид повредата на Самуел Умтити и постојаните проблеми со повредите на Томас Фермален.

Муриљо за Валенсија игра од август 2017 година, а првата сезона беше позајмен на милански Интер. „Лилјаците“ во август годинава го откупија неговиот договор за 12 милиони евра. Претходно колумбискиот фудбалер настапуваше и за Удинезе, Гранада, Кадиз и Лас Палмас. Во дресот на репрезентацијата на својата земја се појави на 27 натпревари.