Без победник и без погодоци заврши првиот полуфинален дуел од најпрестижното клупско натпреварвање, Лигата на шампиони, помеѓу претставниците на Шпанија и Англија, Атлетико Мадрид и Челзи.
Дуелот на “Винсенте Калдерон” ќе биде запаментен по очајните обиди на домашинот да постигне погодок и со каква-таква предност да го стартува реванш дуелот на “Стемфорд Бриџ”, но и по максимално дефанзивната игра на гостинот кој повеќе мислеше на сопствениот отколку на противничкиот гол.
“Ммногу тежок натпревар за двете екипи. Нити Атлетико Мадрид, ниту Челзи не беа во ситуација да постигнат погодок и со предноста да го стартуваат реванш дуелот во Лондон. Не можевме да го најдеме патот до противничкиот гол, пробавме, но не успеавме да забележим триумф. Двете екипи се бореа за секоја топка, се бореа за финалниот натпревар во Лисабон. Сега Челзи е во предност, поблиску е до финалниот натпревар поради ремито без погодоци и поради предноста на домашниот терен”, изјави по натпреварот тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне.
Предбодникот на Челзи, Жозе Мурињо пак додаде е задоволен што реванш дуелот го стартува без никаква негатива.
“Ќе бидам максимално искрен и ќе кажам дека ваков резултат не посакував пред стартот на натпреварот. Сепак, не сакав реванш дуелот да го стартувам со некаква негатива. Ова реми не толку позитивен резултат за тимот кој реванш дуелот го игра на домашен терен, но ќе мора да се задоволиме со ова реми. Приметив знаци на сериозна фрустрација кај фудбалерите на Атлетико Мадрид. Најчесто нивните противници покажуваат знаци на фрустрација. Задоволен сум од играта на моите фудбалери, примериве дека таквата игра ги иритира фудбалерите на Атлетико Мадрид, изјави Мурињо.