Мурињо му посака се најдобро на Хуан Мата

И контроверзниот менаџер на лондонскиот премиерлигаш Чезли, Жозе Мурињо, потврди дека е прашање само на време кога шпанскиот интернационалец Хуан Мата и официјално ќе биде претставен како најскапа аквизиција во клупската историја на Манчестер Јунајтед.

“Мата доби дозвола да отпатува во Манчестер за да ги помине задолжителните лекарски прегледи. Порано или подоцна ќе се финализира овој трансфер. Разговарав со Мата кога ја добивме официјалната понуда од Јунајтед. Го прашав дали е толку среќен поради добиената шанса да замине од Лондон. Мата ми кажа дека е многу среќен и дека сака да замине. Станува збор за фантастичен фудбалер, иако немаше некоја голема минутажа, јас и понатаму сум убеден дека ќе ни беше од голема корист. Ова е добар трансфер за Мата, добар трансфер за англиската Премиер лига, а ние ја добивме посакуваната понуда”, изјави Мурињо.

Трофејниот португалски стручњак даде одговор и на прашањето зошто Мата е продаден на директниот ривал од англиската Премиер лига.

“Многу клубови, менаџери и директори имаат таков став дека еден таков фудбалер не треба да биде продаден на директниот ривал. Ние не размислуваме така, не се плашиме од фактот дека Мата може да успее како фудбалер на Јунајтед. Челзи сака Мата да биде среќен и да има успешна кариера. Ќе му покажеме колку го респектираме кога ќе се врати на “Стемфорд Бриџ” но сега во дресот на Манчестер Јунајтед”, изјави Мурињо.