Контроверзниот менаџер на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Жозе Мурињо, призна дека најголемата ѕвезда во дресот на ПСЖ, Златан Ибрахимовиќ, ќе биде најголема опасност пред голот на лондонските „сини” во двата натпревара од 1/4 финалната рунда од најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.
„Сум работел со Тиаго Мота, Максвел и со Златан Ибрахимовиќ. Заедно освоивме неколку титули во италијанската Серија А, а со Мота и Максвел ја освоивме и титулата во Лигата на шампиони. За мене, Златан е специјален фудбалер. Ибра ја има освоено шампионската титула во сите шампионати во кои има настапувано и добро знам дека сега сака да слави и во Лигата на шампиони. Го сонува победничкиот пехар и знам дека ќе даде се од себе за да го реализира тој голем сон. Тоа го прави уште поопасен. Ибра ќе биде најголема опасност пред голот на Челзи и во двата натпревара”, изјави португалскиот стручњак.