Јавна е тајната дека сопственикот на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Роман Аабрамович, ќе се обиде за време на летниот преоден рок да ангажира напаѓач од светска класа.
За време на последниот состанок кој го имал со контроверзниот менаџер, Жозе Мурињо, двајцата дошле до заклучок дека клубот под итно мора да се ослободи од услугите на сенегалскиот интернационалец, Демба Ба, а голема е веројатноста дека излезната врата од “Стемфорд Бриџ” ќе му биде покажана и на репрезентативецот на Шпанија, Фернандо Торес.
Најтиражните спортски весници на Островот се убедени дека сопственикот на лондонските “сини” на стартот од летниот преоден рок ќе испрати официјална понуда до хрватскиот интернационалец од редовите на Баерн (М), Марио Манџукиќ, до најскапата аквизиција во клупската историја на ПСЖ, Единсон Кавани и до новопечениот репрезентативец на Шпанија и најголема ѕвезда во дресот на Атлетико (М), Диего Коста.
Хрватскиот интернационалец важи за најисплатлива опција од финансиска гледна точка, а неговиот потпис може да биде осигуран и со понуда од 30 мил. евра.
Услугите на Кавани ќе бидат осигурани доколку понудата не биде помала од 60 мил. евра, а освен паричната понуда за Диего Коста, која нема да биде помала од 15 мил. евра, сопственикот на Челзи е подготвен во обратната насока да го испрати и миленикот на најверните фанови на Атлетико (М), Фернандо Торес.