Мустафа: Нема да ги повлекувам министрите на ЛДК во време на пандемија

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово Иса Мустафа, по синоќешното разрешување на вицепремиерот од редовите на неговата партија Авдулах Хоти од страна на вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти, изјави дека нема да ги повлекува другите министри на ЛДК од Владата во оставка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Мустафа преку објава на Фејсбук порача дека нема еднострано да ги повлекува членовите на кабинетот на Курти од редовите на ЛДК во време на пандемија на коронавирусот.

– Во време кога се соочуваме со пандемија на Ковид-19, како претседател на ЛДК нема еднострано да ги повлекувам министрите и замениците министри на ЛДК од нивните задачи во Владата во оставка, напиша Мустафа.

Тој додаде дека тие ќе продолжат да ја вршат работата до изборот на нова влада, а на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), премиерот во оставка Курти, е да одлучи дали ќе продолжи да работи со нив.

– Со оглед дека коалицијата ВВ – ЛДК падна синоќа со моцијата за недоверба со гласовите на повеќе од 2/3 на пратениците, останува на в.д. премиерот Курти да одлучи дали ќе работи со нив во оваа вонредна состојба, додека да се избере друга влада, или ќе преземе други дејствија, онака како што го ослободи г. Авдулах Хоти од позицијата прв заменик-премиер, порача Мустафа.

Курти го разреши од должноста Хоти синоќа пред полноќ, неполн час откако во Собранието, со 82 гласа „за“, 32 „против“ и еден „воздржан“ беше изгласана недоверба на неговиот кабинет.

Иницијативата за гласање недоверба на Владата, ЛДК ја покрена откако на 18 март Курти, без претходна консултација со коалициониот партнер, го разреши од функцијата министер за внатрешни работи Агим Велиу, кој е воедно и прв потпретседател на партијата на Мустафа.