
Грчките власти очекуваат дека бројот на бегалци на територијата на земјата во текот на следниот месец би можел тројно да се зголеме и да достигне дури 70.000 лица, затоа што поради ограничувањето на бројот на лицата што се пропуштаат низ балканските држави, тие не би можеле да ја напуштат Грција, пишува „Танјуг“.
Проценуваме дека следниот месец бројот на луѓето коишто нема да може да ја напуштата Грција и да се упатат кон Западна Европа ќе изнесува од 50.000 до 70. 000, изјави грчкиот министер за миграција Јанис Музалас, додавајќи дека сега во Грција престојуваат 22.000 бегалци и мигранти.
Музалас во интервју за телевизијата „Мега“ изјави дека очекува приливот на бегалците да се забави кога информацијата за затворените граниси ќе стаса до Турција, каде има неколку милиони сириски бегалци.
Верувам дека приливот ќе се намали кога до бегалците ќе стаса веста дека граничниот премин Идомени е затворен. Подготвуваме инфомативна кампања за тоа што ќе се емитува во Турција, изјави тој.
Тој додаде дека благодарение на таа кампања, како и на присуството на НАТО во Егејското море, којшто помага во надзорот на грчките води, се очекува дека приливот на бегалците ќе биде намален за 70 отсто.