Со изработка на модели кои се напојуваат со енергија од обновливи извори, коструирани од членовите на здружението „Народна техника“, беше симболично означено повторното отворање на Изложбениот центар за електрична енергија „Матка“, кој се наоѓа во старата зграда на истоимената централа на ЕВН Електрани.
Децата и младинците, љубители на техничките науки, кои се дел од „Народна техника“, по посетата на експонатите на „Матка“, заедно со своите инструктори одржаа работилница посветена на „зелената енергија“ и нејзините потенцијали. Беа изработени макети на куќи и струјни кола кој се напојуваат со електрична енергија од фотоволтаици, а се одржа и кратко предавање.
Во Изложбениот центар – „Матка“ има околу 30 експонати кои со мултимедијален и интерактивен пристап на посетителите им овозможуваат да се стекнат со нови знаења.
Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин. Штефан Петер, изрази задоволство што учениците и туристите повторно се вратија во музејот: „Ни претставува голема радост што повторно, по над две предизвикувачки години пандемија, го реотвораме музејот на ЕВН на Матка за сите посетители и им го овозможуваме целосното едукативно и забавно искуство. Изложбениот центар „Матка“ е првиот и единствен музеј за електрична енергија во земјава. Симболично повторното отворање го правиме на „Меѓународниот ден на музеите“, кој служи за подигање на свеста за важноста на улогата на музеите во неформалното учење и културното збогатување. Преку експонатите, гостите се запознаваат со поимот електричната енергија, како се произведува и пристигнува до домовите и компаниите. Тие учат за историјата на електричната енергија и учествуваат на работилници за обновлива енергија. Во услови на енергетска криза, едукацијата за енергетската ефикасност е исклучително важна и затоа го покануваме секој заинтересиран граѓанин од која било возрасна група да го посети овој уникатен центар и да дознае повеќе за оваа тема.“.
Изложбениот центар за електрична енергија „Матка“ беше отворен во 2017 година, а покрај индивидуалните, годишно го посетуваа над 7000 лица во организирани едукативни посети. Бројот на посетители драстично се намали во текот на пандемијата, кога центарот беше и затворен, освен за најавени наменски посети со запазување на заштитните мерки.
За да ја поттикне едукацијата во техничките науки, ЕВН при отворањето на Изложбениот центар за електрична енергија – „Матка“, потпиша иницијатива за негово користење со Бирото за развој на образованието, а соработка е воспоставена и со универзитетите, средните и основните училишта во земјава.
Покрај тоа, Изложбениот центар за електрична енергија – „Матка“ пред четири години стана дел од официјалната туристичка понуда на Скопје. Сите содржини во Изложбениот центар Матка се на македонски, албански и на англиски јазик, а центарот е добитник на наградата „Музеј на годината“ која ја доделува ICOM (International Council of Museums) – Македонија, како и на Националната награда за општествена одговорност, што ја доделува Министерството за економија.
Влезот во Изложбениот центар Матка е бесплатен. Повеќе информации на www.matka.com.mk /Facebook: Матка – Изложбен центар / Matka – Exhibition Center /Instagram: matka.exhibition.center