-MВР најостро ги демантира лагите изнесени во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ за наводна тешка кражба во Дрисла од каде, како што тврдат во соопштението, се изнесува бакар како отпадно железо, притоа прозивајќи го МВР за непреземање соодветни мерки.
-МВР ја информира јавноста дека по добиена пријава дека на 09.10.2022 година од депонијата во Дрисла се изнесува голема количина на бакар, од страна на полициски службеници од ЕВР Аеродром и Драчево, ЕИК, ЕВР Карпош и ЕИП, веднаш се преземени мерки и активности, при што е извршен разговор со раководни лица и вработени во депонијата и во Комуналното претпријатие на град Скопје. Притоа било констатирано дека во Дрисла нема бакар, а со товарно возило камион од Комуналното претпријатие на град Скопје најпрво во Дрисла биле истоварени шут и смет од Зоолошката градина во Скопје, кои биле исфрлени во депонијата, а на враќање, по извршен ископ на земјиште со багер, во истото возило била натоварена земја наменета за Зоолошка градина и донесена до неа.
Со пласирањето на вакви лажни вести, ВМРО ДПМНЕ продолжува да ги доведува во заблуда граѓаните на Република Северна Македонија, а своите внатрепартиски игри да ги става над точното информирање на јавноста, притоа обидувајќи се да наштети не само на угледот на институцијата, туку и на работењето на полицијата како гарант на редот, безбедноста и владеењето на законите, соопштија д МВР.