Во просториите на Министерството за внатрешни работи денеска свечено беше пуштен во употреба новиот Оддел за форензички испитувања, капитален проект финансиран преку ИПА средства од пристапната помош на Европската Унија.
– Овие модерни и добро опремени форензички лаборатории, ќе бидат корисна алатка на полицијата и правосудниот систем во борбата со криминалот, што ќе резултира со поквалитетна истрага и зголемена откривачка дејност. Ова овозможува нашата полиција да биде во чекор со современите постапки, европски практики и стандарди – рече премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека ова е најсовремена форензичка лабораторија на Балканот.
– Во тек на долгогодишниот развоен процес, македонските форензички лаборатории постојано се модернизираат, а се имплементираат и меѓународни стандарди од областа на форензичкото работење. Одделот за форензички испитувања е акредитиран согласно барањата на меѓународниот стандард ISO 17025 за компетентно, непристрасно и доследно работење на лабораториите. Паралелно со опремувањето на форензичките лаборатории со современа опрема, зголеменото потпирање на научни докази бараше и соодветни просторни капацитети за целосно практично ефектуирање на надлежностите на лабораториите. Тоа е диктирано и од зголемување на обемот на работа во лабораториите, а во исто време и од воведувањето лабораториски операции кои се со зголемена сензитивност и прецизност – рече министерот Спасовски.
Европскиот амбасадор во земјава, Дејвид Гир, рече дека ЕУ обезбедила специјализирана форензичка опрема и ја финансирала изградбата на зградата во која е сместен овој Оддел, во вредност од 3,6 милиони евра.
– Овој проект е само дел од големата помош на ЕУ за полициските реформи што е една од најпредизвикувачките задачи што една влада може да ги преземе на патот кон интеграцијата во ЕУ. И тоа е дел од реформата на владеењето на правото – напредокот на кој ќе го одреди темпото на пристапување – истакна Гир.