МВР ќе го расчистува случајот со поставувањето албанско знаме на Кораб

-Во врска со видеото објавено на социјалните мрежи каде од страна на едно лице на Кораб е симнато македонското знаме и е поставено знаме на Република Албанија, Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по преземени мерки од страна на Одделот за компјутерски криминал утврдено е дека се работи за лице кое не е државјанин на РСМ. Се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена, информираа од МВР.

Претходно медиуми објавија дека албански планинари го заменија македонското знаме на Кораб со албанско.

На врвот Голем Кораб, кој се наоѓа во Националниот парк Маврово, стоеше информативна табла со налепница испишана на македонски јазик, укажувајќи дека врвот има надморска височина од 2.764 метри.

Налепницата исто така посочуваше дека корабскиот планински масив припаѓа на две земји – Македонија и Албанија.

Албанскиот планинар Шулку, кој се искачи на врвот, одлучи да ја искине и да ја фрли налепницата.

Во својот пост на Фејсбук, Шулку напишал дека “Кораб припаѓа на Албанија и дека таму нема место за македонското знаме”.