МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари, вели Тошковски

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски најави дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секое лице кое намерно предизвикало пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани.

-Во овие тешки моменти кога се соочуваме со катастрофални пожари, уште еднаш апелирам до сите граѓани да постапуваат совесно и одговорно, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари и да пријавуваат сомнителни активности. Воедно, сакам да потенцирам дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани, напиша Тошковски на неговиот Фејсбук профил.

Тој на социјалната мрежа споделува и објава од МВР за приведен маж од радовишко затоа што подметнал пожари.

Објавата на министерот Тошковски следи по обвинувањата од СДСМ дека состојбата со пожарите низ Македонија е алармантна и загрижувачка и оти Владата на Мицкоски и институциите под нејзина надлежност потфрлаат во справувањето со огнената стихија.

-Постојат индиции дека дел од пожарите можеби се и подметнати. Но досега нема никакви информации од МВР. Зошто никој не е приведен? Зошто ниту еден случај не е расчистен? Тошковски покажа неспособност да ја координира активноста на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи. Бараме итно Мицкоски да го смени Тошковски и да се назначи нов одговорен за координација на системот за управување со кризи, кажа на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.