Скандалот на Онкологија нанесе голема штета на македонското здравство, граѓаните ја загубија довербата, која може да се поврати само ако целосно се расветли случајот и има одговорност, рече во гостување на Канал 5 врвниот микробиолог д-р Никола Пановски.
– МВР и ОЈО требаше порано да влезат на Онкологија бидејќи подолг период има информации за злоупотреби за кои известуваа и дел од медиумите. Има елементи кои укажуваат дека повеќе лица биле вмешани во скандалот. Тоа не би било возможно без знаење на надлежните на клиниката, финансии и сметководство – смета д-р Пановски.
Според него, лошата ситуација во македонското здравство е резултат, пред сè, на партизацијата.
– Партиското поставување на директори на клиники е сериозен проблем и дополнително придонесува за ваквите лоши состојби. Се поставуваат целосно несоодветни кадри, со несоодветни струки за директори на клиники. Потребен е целосен ремонт и департизација, но притоа мора да се има предвид дека тоа нема да биде возможно без жртви – рече Пановски, одговатррајќи на прашање за можноста да се подобрат состојбите во македонското здравство.