МВР: Лажни се информациите дека се крадат деца во Скопје

На социјалните мрежи масовно се споделува фотографија на која се наоѓаат пет лица, со текст дека истите се киднапери на деца и дека се наоѓаат на територија на Скопје и скопско.

Меѓу последно објавените постови е и на корисник на Фејсбук кој има напишано дека лицата денес се обиделе да ги грабнат неговите две внуки на подрачјето на село Батинци, а случајот го пријавиле во полиција. Под објавата се нижат коментари во кои се наведуваат локации каде наводно претходно денес и изминативе денови биле видени истите лица.

Од Министерството за внатрешни работи во врска со ваквите објави велат дека, конкретната објава до МВР не е поднесена никаква пријава во врска со обид за грабнување или грабнување на дете. Вакви пријави немало ниту изминатиов период.

-Министерството за внатрешни работи ги демантира лагите кои некои лица ги пласираат преку социјалните мрежи за некакви наводни киднапери. Нема ниту едно одземено дете, ниту било какви киднапери. Апелираме да не се шират дезинформации по социјалните мрежи кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните. Полицијата е присутна насекаде и ја гарантира безбедноста на граѓаните, велат од МВР за Курир.

Инаку, посочената фотографија е од 2015 година и е поврзана со настан за предупредување за крадење во Темишвар, Романија.